Шокантни детали излегуваат на виделина по инцидентот со авионот на „Рајанер“ (Ryanair) кој на 10 јули претрпе декомпресија во воздухот. Светлана Грковиќ, сопруга на 61-годишниот Србин Љубиша Каровиќ, сподели застрашувачко сведоштво за тоа како успеала за влакно да го спаси својот сопруг, чија половина од телото висела надвор од скршениот прозорец на авионот на височина од 2.700 метри.
Инцидентот се случил на летот од Солун до германскиот град Меминген. Само десетина минути по полетувањето, силен притисок го скршил или изместил прозорецот до патничкото седиште каде што седел Каровиќ, по што тој буквално бил повлечен надоввор од кабината.
„Половина од неговото тело штрчеше од авионот. Тој две минути беше надвор до градите. Веднаш реагирав и го зграпчив за нозете. Помислив: ‘Ако умреме, умираме заедно!’“, раскажува Грковиќ во шокантна изјава за грчкиот јавен радиодифузер „ЕРТ“.
Со помош на уште двајца сопатници и девојката што седела до нив (која го држела за рака), Светлана успеала да го вовлече својот сопруг назад во кабината, иако тој во меѓувреме трипати ја изгубил свеста. Настанал невиден хаос во кој паднале маските за кислород. Очајниот обид да се затвори дупката со патнички куфер завршил безуспешно, бидејќи воздушниот притисок веднаш го исфрлил куферот надвор во авионот.
Иако најлошото е избегнато и авионот безбедно слетал назад во Солун, последиците по здравјето на Каровиќ се сериозни:
Сопругот се здобил со сериозни повреди на раката и изгореници предизвикани од силниот притисок и екстремниот студ на таа височина.
Поради претрпената траума, тој во моментов не може да комуницира и не се сеќава на ужасниот настан.
„И јас сум во многу лоша психолошка состојба. Се плашев за нашите животи. Се плашев дека авионот ќе се урне. Најважно ми е што е жив“, вели преплашената сопруга.
Според изјавите на патниците, непосредно пред декомпресијата се слушнал силен звук налик на експлозија, а постојат сомневања дека дел од моторот се откинал и удрил во прозорецот. Оваа верзија сè уште официјално не е потврдена од истражителите.
Од компанијата „Рајанер“ кусо соопштија дека авионот се вратил во Солун откако „прозорецот на патникот се изместил во лет“, при што едно лице побарало и добило медицинска помош.
Бидејќи се работи за американски авион „Боинг 737-800“, а самиот инцидент се случил во воздушниот простор на Македонија, во сложената истрага веќе се вклучени повеќе меѓународни воздухопловни власти за да се утврди точната причина за овој застрашувачки дефект.