Вкупно 1.451 набљудувач ќе ги следи осмите локални избори во Македонија, кои ќе се одржат оваа недела. Според Државната изборна комисија (ДИК), акредитирани се 807 домашни и 644 странски набљудувачи, како и 12 странски новинари.
Најголем број домашни набљудувачи доаѓаат од Здружението за развој на општествено-социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје, со 549 лица. Меѓу акредитираните организации се и МКЦ-Битола (23 набљудувачи), ЛАГ Агро Лидер – Кривогаштани (5), Интерактив Битола (8), Ромалитико – Скопје (10), Здружението „За Тетово“ (5), Националниот совет за родова рамноправност (25), Планинарски спортски клуб „КАБ Струга“ (16), Евротинк – Центар за европски стратегии (4), ЦИВИЛ – Центар за слобода (60), Три Си Консалтинг – Скопје (6), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид (27), Националната мрежа „Жените за жените“ (20), како и други здруженија, вклучувајќи Демокраси Лаб Тетово, Инклузива, ИНСОК и ИНТЕГРА НАУ.
Меѓу меѓународните набљудувачи, најбројна е Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) со 524 претставници. Следуваат Амбасадата на САД во Скопје (30), Европскиот парламент (12), Британската амбасада (11), Амбасадата на Холандија (10), Централната изборна комисија на Косово (10) и Амбасадата на Франција (9).
Акредитирани се и претставници од Унгарија, Хрватска, Швајцарија, Албанија, Турција, Словачка, Украина, Молдавија и Грузија, како и седум набљудувачи од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES).
ДИК истакнува дека сите набљудувачи ќе имаат целосен пристап до избирачките места, како и до процесот на броење на гласовите и утврдување на резултатите, согласно законските прописи и изборниот кодекс.