Откако пред неколку дена се одвои од Македонија, Албанија денеска го отвора првото преговарачко поглавје, во процесот на приклучување на земјата во Европската унија.
После повеќе од две години разговори за прием на Албанија во ЕУ, преговорите денеска влегуваат во следна напредна фаза. Двете страни ќе имаат средба на маргините на состанокот на 27 министри за европски прашања во Луксембург. Ќе биде отворен првиот кластер, кој се однесува на демократските институции во Албанија.
Албанија влезе во НАТО 2009 година, а истата година испрати барање за влез во ЕУ. Првата меѓувладина конференција се одржа во 2022 година.
Земјата беше поврзана со напредокот на Македонија, но земјите од Унијата ја напуштија оваа практика, па така Албанија е прва земја кандидат која ќе отвора преговори со изменета методологија.
Како проблеми за Албанија се нотирани корупцијата и организираниот криминал.
