Албанските власти воведоа нови мерки за поголема заштита на туристите во текот на летната сезона, објавувајќи официјален ценовник со максимално дозволени цени за лежалки, белведери и останатите плажни услуги на подрачјето на општина Љеш.
Градоначалникот Пјерин Ндреу информираше дека посетителите ќе можат преку СМС-порака да пријават доколку некој наплатува повеќе од дозволеното или доколку забележат други неправилности во туристичките места.
Според утврдените цени, користењето алуминиумска лежалка ќе чини најмногу 300 леки (околу 183 денари) во Тале, 400 леки (околу 244 денари) во Шенѓин и Куна, додека во Рана е Хедун максималната цена е 500 леки, односно околу 305 денари.
За дрвени лежалки со душек, цените се движат од 700 до 1.000 леки (околу 427 до 610 денари), а семејните белведери ќе може да се изнајмат по најмногу 1.500 до 2.500 леки, што е приближно од 915 до 1.525 денари.
Од општината потенцираат дека овие ограничувања важат и за приватните концесионери, како и за плажите со кои управува јавното претпријатие. Во случај на прекршување на правилата, туристите се повикуваат веднаш да ги известат надлежните служби.
Локалната самоуправа оценува дека мерката ќе придонесе за поголема транспарентност, ќе ги заштити посетителите од неоправдано високи цени и ќе помогне во зачувување на имиџот на албанското крајбрежје како атрактивна туристичка дестинација.
За споредба, комплет од две лежалки и чадор во Црна Гора најчесто чини меѓу 10 и 30 евра, во Хрватска од 10 до 25 евра, додека на дел од грчките плажи цените се движат од 15 до 20 евра, а на луксузните локации достигнуваат и до 120 евра.