Албанија го отвора последното поглавје од преговорите за членство во ЕУ

Албанија направи историски чекор во процесот на евроинтеграции. На 23 јули 2025 година, Комитетот на постојани претставници на земјите членки на Европската Унија (КОРЕПЕР) ја овласти данската претседателка на Советот на ЕУ да ја покани Албанија да го достави својот преговарачки став за кластерот 5 – „Ресурси, земјоделство и кохезија“, што е последниот неотворен кластер во рамките на преговорите за членство.

Премиерот Еди Рама, преку својот Фејсбук профил, ја поздрави оваа одлука со пораката „SHQIPËRIA NUK NDALET“ („Албанија не застанува“), истакнувајќи го динамичниот и посветен пристап на земјата во процесот на пристапување кон ЕУ.

Претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, се огласи со уверување дека Собранието ќе даде целосна поддршка за претстојната презентација на официјалната преговарачка позиција. Таа потенцираше дека Албанија останува фокусирана на развојот на руралните средини, модернизацијата на земјоделството и зајакнувањето на територијалната и социјалната кохезија.

Според најавите, шеста меѓувладина конференција меѓу Албанија и ЕУ ќе се одржи во почетокот на септември, кога формално ќе се означи отворањето на сите преговарачки поглавја. Со тоа, Албанија влегува во завршната фаза од преговорите, со амбициозна цел да го финализира процесот до 2027 година и да стане полноправна членка на ЕУ до 2030.

Албанија го поднесе своето барање за членство уште во 2009 година, но вистинскиот напредок започна дури во 2022 година со одржувањето на првата меѓувладина конференција. Подолг период таа беше третирана во пакет со Северна Македонија, но од септември 2024 година официјално се одвои, откако КОРЕПЕР донесе одлука Албанија самостојно да продолжи по европскиот пат.

Со отворањето на последниот кластер, Албанија ја потврдува својата стратешка ориентација кон Европската Унија и посветеноста на реформите и интеграцијата во европското семејство.