Албанија од денеска претседава со Советот за безбедност на ОН

Албанија денеска првпат го презема претседавањето со Советот за безбедност на ОН, јавија албанските медиуми.

Во видео-пораката објавена на Фејсбук, албанскиот премиер Еди Рама рече дека Албанија има привилегија да ги изрази своите ставови и да претседава со Советот за безбедност на ОН, објави ABC Albania.

Се вчитува...

Тој потсети на случаите на масовно кршење на човековите права – од Дарфур до Мјанмар, од Авганистан до Сирија.

Во Европа, раните од војните по распадот на поранешна Југославија, особено Косово, се уште се отворени. Правиме се што можеме за да продолжиме без да го заборавиме минатото, но посветени сме на градење на заедничка мирна иднина, рече Рама, цитиран од новинската агенција АТА.

Тој истакна дека „руската војна“ во Украина ја доведе во прашање европската безбедност и го разниша светскиот поредок заснован на правила, нагласувајќи дека „не можеме и не треба да се навикнеме на неказнивост“.

Со Советот за безбедност претседаваа САД во мај, а Бразил ќе претседава во јули.

Албанија беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН во јуни 2021 година, а нејзиниот мандат започна оваа година.