Албанскиот државен ансамбл сè уште не е формиран, МИОА даде согласност, се чека Министерството за финансии

Иако се уште не се комплетно формирани, за прв пат се појавија во јавноста по донесената одлука да биде формиран Албанскиот државен ансамбл. Со оваа прес конференција го најавија нивниот прв настап, а тоа е концерт по повод Денот на албанското знаме, кој ќе се одржи во среда во Дом на АРМ.

Ансамблот не е комплетен, односно се уште не е објавен конкурсот за избор на членови, па за оваа пригода ќе „позајмат“ играорци од другите ансамбли.

Се вчитува...

Министерството за информатичко општество и администрација дало согласност за објавување на конкурост, сепак се чека Министерството за финансии да го одобри потребниот буџет.

Од тоа зависи и колку членови ќе има ансамблот. Според директорот Фатос Љумани тешко да се очекува Албанскиот државен ансамбл да биде формиран за една година, бидејќи кај нас нема ниту факултет ниту кореографски школи за албански песни и ора.

„Ансамблот ќе биде лабораторија. Ние членовите нема да ги земеме подготвени, но ќе има курсеви за обука, можеби дури и училиште во рамките на ансамблот. Бидејќи, како што знаеме за разлика од Албанија, каде што има основно, средно училиште и  кореографски факултет, ние го немаме тоа тука. За да се надминат овие проблеми, треба да најдеме други алтернативи.“, вели Љумани.

Во недостаток на соодветен објект, Албанскиот Државен Ансамбл пробите ги одржува во салата на Културно уметничкото друштво „Ибе Паликуќа“. Подготовките за концертот се под „палката“ на професорот по сценска уметност од Албанија Артан Ибершини.

„Една од кореографиите што би требало да го отвори спектаклот е кореографија која ја пренесува пораката за албански културен идентитет. Кореографијата пренесува порака која е многу важна во глобалниот свет и во свет во кој различните култури се поврзани меѓусебно и во апсолутен опстанок“, вели Ибершини.

Концертот се организира по повод Денот на албанското знаме. Според најавите настап ќе имаат и други Културно уметнички друштва од Македонија, пеачи, а специјален гостин ќе биде виолинистот Шкељзен Доли. Одлуката за основање на Државен ансамбл на албански песни и ора во Македонија, владата ја донесе на 7 март оваа година.

РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ

Извор: ТВ21