Свет

Александар Лукашенко: Белорусија е подготвена да обезбеди дополнителна помош за Русија

Александар Лукашенко: Белорусија е подготвена да обезбеди дополнителна помош за Русија

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави денеска дека неговата земја е подготвена да обезбеди дополнителна помош на нејзиниот близок сојузник Русија во војната против Украина, пренесе Асошиетед прес.

На Русија не и треба „никаква помош“ во моментов, но ако тоа се промени, Белорусија секогаш е подготвена да им помогне на своите руски браќа, нагласи Лукашенко за време на неговата посета на Зимбабве, земја во Јужна Африка која исто така е блиска до Русија, прецизира АП. .

Лукашенко не даде повеќе информации за видот на помошта што е подготвен да ја даде.

Белорусија и дозволи на Русија да користи дел од нејзината територија при инвазијата на Украина во февруари минатата година и стана полигон за лансирање руски ракети против Украина. Сепак, таа не ги испрати своите војници во војната.

Двете земји овој месец одржаа заеднички воени вежби на територијата на Белорусија. Украина, од своја страна, распореди свои единици долж границата со Белорусија за да спречи потенцијална инвазија од таму.

Пентагон соопшти дека нема движење на руски војници во Белорусија што укажува на неизбежен напад.

Ако малата и неискусна белоруска армија се приклучи на конфликтот, дополнителните трупи може да и помогнат на Москва да пресече некои клучни сообраќајници, но веројатно нема значително да ја подобрат позицијата на Русија, велат аналитичарите.

Лукашенко пристигна во Зимбабве вчера во посета за зајакнување на економските и политичките врски меѓу двете земји, забележува АП.

Посетата има за цел да ја зајакне „силната соработка меѓу двете земји во политиката, економијата, рударството, земјоделството и управувањето со катастрофи“, соопшти Министерството за надворешни работи на Зимбабве.

Белорусија му обезбеди на Зимбабве земјоделска механизација, како што се трактори, комбајни и камиони, според договорот вреден десетици милиони долари што беше склучен по посетата на претседателот на Зимбабве Емерсон Мнангагва на Минск во 2019 година.

Белорусија и Зимбабве денеска потпишаа неколку договори во различни области, од земјоделство до оданочување и образование.

Лукашенко, исто така, понуди да продава ѓубрива од поташа на Зимбабве и додаде дека, и покрај санкциите на Западот, Белорусија „успеа да продаде големи количини ѓубрива од поташа. Има земји подготвени да соработуваат со Белорусија“, рече тој.

Лукашенко е во посета на Зимбабве откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна беше на турнеја на африканскиот континент. Минатата недела Лавров ги посети Јужна Африка, Есватини, Ангола и Еритреја, користејќи некои од историските врски на Москва со континентот за да ја поддржи Русија и да го обвини Западот за војната во Украина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни