Американските берзи се надеваат на договор со Иран

На денешното отворање на американските берзи, акциите пораснаа по сесијата во која трговците го игнорираа неуспехот на мировните преговори меѓу САД и Иран, но останаа оптимисти дека договор меѓу двете земји сè уште е можен.

Берзанскиот индекс „Dow Jones“ порасна за 249 поени, односно 0,5 отсто, „S&P 500“ за 0,8 отсто, а „Nasdaq“ за 1,3 отсто, пренесе CNBC.

На растот на акциите најмногу влијаеја технолошките компании, при што предничеше „Oracle“, чија пазарна вредност порасна за седум отсто, надоврзувајќи се на скокот од околу 12 отсто од претходниот трговски ден. И гигантите „Nvidia“ и „Palantir“ го продолжија растот.

Волстрит уште еднаш покажа отпорност и покрај зголемената геополитичка неизвесност. Главните индекси забележаа солидни добивки на почетокот на неделата, иако за време на викендот пропаднаа преговорите меѓу САД и Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави: „Другата страна нè контактираше“.

„Тие очајно сакаат да постигнат договор“, нагласи тој. Претставник на Белата куќа денеска изјави дека се разгледува втора рунда преговори меѓу САД и Иран, иако засега ништо не е официјално закажано.

Цените на суровата нафта се намалија по растот од претходниот ден, па американската нафта тип „WTI“ последен пат поевтини за пет отсто, на околу 93 долари по барел, додека „Brent“ беше пониска за три отсто и изнесуваше околу 95 долари.

На растот на акциите позитивно влијаеше и објавувањето на индексот на производствени цени за март, бидејќи тој порасна значително помалку од очекуваното.