Бројот на жртвите по разорниот земјотрес што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија продолжува да расте, а според последните податоци загинале повеќе од 7.000 луѓе, а десетици илјади се повредени.
Илјадници згради се урнаа во двете земји, а хуманитарните агенции предупредуваат на „катастрофални“ последици во северозападна Сирија, каде што милиони ранливи и раселени луѓе веќе се потпираа на хуманитарна помош.
Во тек се големи спасувачки операции и глобалната заедница нуди помош во операциите за пребарување и спасување. Во меѓувреме, агенциите предупредија дека бројот на загинати во катастрофата може значително да се зголеми. Си-Ен-Ен анализираше зошто земјотресот бил толку смртоносен.
Каде се случи земјотресот?
Еден од најсилните земјотреси што го погоди регионот во изминатиот век ги потресе жителите од сон во раните утрински часови во понеделникот. Земјотресот се случил на 23 километри источно од Нурдаги, во турската провинција Газиантеп, на длабочина од 24,1 километар, соопшти Геолошкиот институт на САД (USGS).
Серија последователни потреси одекнаа низ регионот во текот на следните неколку часа. Афтершок од 6,7 степени следеше 11 минути по првиот земјотрес, но оној со јачина од 7,5 степени се случи околу девет часа подоцна, соопшти USGS.
Овој последователен потрес со јачина од 7,5 степени беше најсилниот од повеќе од 100 потреси што се регистрирани досега. Спасувачите сега се тркаат со времето за да ги извлечат преживеаните од под урнатините од двете страни на границата. Повеќе од 5.700 згради во Турција се урнати, според агенцијата за катастрофи на земјата.
Понеделничкиот земјотрес беше и еден од најсилните што Турција ги доживеа во изминатиот век – земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала го погоди источниот дел на земјата во 1939 година, што резултираше со повеќе од 30.000 смртни случаи, според USGS.
Зошто се случуваат земјотреси?
Земјотреси се случуваат на сите континенти во светот – од највисоките врвови на планините на Хималаите до најниските долини, како што е Мртвото Море, до екстремно студените региони на Антарктикот. Сепак, распределбата на овие земјотреси не е случајна.
USGS го опишува земјотресот како „тресење на земјата предизвикано од ненадејно лизгање на расед. Напрегањата во надворешниот слој на земјата ги туркаат страните на раседот една кон друга; карпите одеднаш почнуваат да се лизгаат, ослободувајќи енергија во бранови кои патуваат низ земјината кора и предизвикуваат потреси што ги чувствуваме за време на земјотресите“.
Колку е силен земјотресот со јачина од 7,8 степени?
Интензитетот на тресење може да варира во зависност од локалната географија и топографија и длабочината на земјотресот. На скала со магнитуда, секое зголемување од цел број значи 32 пати повеќе енергија.
Во оваа прилика, тресењето на земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала во јужна Турција можеше да се почувствува дури до Израел и Либан, оддалечени стотици километри. Турција и претходно била погодена од силни земјотреси, во последните 25 години ја погодиле дури седум земјотреси со јачина од 7 степени или посилни. Оној во понеделникот беше еден од најсилните.
Тоа е, исто така, најсилниот земјотрес што се случил каде било во светот откако земјотрес со јачина од 8,1 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот во близина на Јужните Сендвич Острови во јужниот дел на Атлантскиот Океан во 2021 година, иако оддалечената локација на инцидентот предизвика мала штета.
Карл Ланг, асистент на Факултетот за Земјата и атмосферските науки на Џорџија Техника, изјави за Си-Ен-Ен дека областа погодена од земјотресот во понеделникот е подложна на сеизмичка активност.
„Тоа е многу голема зона на расед, но ова е поголем земјотрес отколку што некогаш доживеале неодамна“, изјави Ланг за Си-Ен-Ен, додавајќи дека ако се работи за плиток земјотрес, односно се случил многу блиску до површината, може да биде многу опасно..
Зошто има толку земјотреси во Турција?
Метеорологот на Си-Ен-Ен и експерт за екстремни временски услови, Чад Мајерс, изјави дека секогаш се работи за епицентарот на земјотресот, но во овој случај треба да се работи за епилината.
Две масивни тектонски плочи – арапска и евроазиска – се допираат под југоисточните турски провинции. По должината на оваа раседна линија, „приближно 100 милји од едната до другата страна, земјата се лизна“, продолжи Мајерс.
Сеизмолозите овој настан го нарекуваат „лизгање“ – „плочите се допираат и одеднаш се лизгаат настрана“, објасни Мајерс.
Ова не е како Огнениот прстен што се протега по западниот брег на САД. Во оваа зона, земјотресите и цунамито често се предизвикани од субдукција – каде една плоча се лизга под друга. Меѓутоа, во случај на таканаречено „лизгање“, плочите се движат хоризонтално, а не вертикално.
Поради природата на овој сеизмички настан, последователните потреси би можеле да траат „недели и месеци“, според метеорологот на Си-Ен-Ен, Карен Магинис.