Македонија

Анализите на водата кај Лепенец не покажале надминување на дозволените вредности, се чека финален извештај

Анализите на водата кај Лепенец не покажале надминување на дозволените вредности, се чека финален извештај

По појавата на бела отпадна пена во реката Вардар кај вливот на реката Лепенец, надлежните институции спроведоа вонредни контроли и лабораториски анализи со цел да се утврди причината за загадувањето и состојбата на водите.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека веднаш по регистрирањето на појавата на 24 јули 2026 година започнал со координирани активности со останатите надлежни институции.

Инспекторите извршиле вонредни инспекциски надзори кај индустриските субјекти во зоната кои се под државна надлежност, при што не биле констатирани прекршувања на законските обврски. Од ДИЖС посочуваат дека субјектите работеле согласно условите утврдени во еколошките дозволи за управување со отпадните води.

Според Инспекторатот, квалитетот на водите во овој дел од Вардар е под влијание на повеќе фактори, меѓу кои комуналните и атмосферските води, како и активностите на повеќе деловни субјекти во околината, поради што повеќе институции работат заеднички на утврдување на состојбата.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје извршило земање мостри од водата на локацијата и доставило прелиминарен извештај до Министерството за животна средина и просторно планирање. Според резултатите од анализите, физичко-хемиските параметри на примерокот не ги надминувале граничните вредности за испуштање во површински води.

Дополнително, по барање на ДИЖС, земени се примероци и од акредитирана лабораторија. Финалниот извештај се очекува да биде доставен до Инспекторатот и Министерството на 4 август 2026 година, по што јавноста ќе биде информирана за конечните резултати.

Од ДИЖС велат дека ќе продолжат со редовни и вонредни инспекциски надзори, со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни