Македонија

ФЗО со сериозни безбедносни пропусти – ревизорите открија загрижувачки слабости по големиот сајбер напад

ФЗО со сериозни безбедносни пропусти – ревизорите открија загрижувачки слабости по големиот сајбер напад

Сериозни слабости во информациската безбедност, недостиг од стручен кадар и пропусти во заштитата на податоците откри Државниот завод за ревизија при контролата на работењето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Ревизорскиот извештај покажува загрижувачка состојба во информатичкиот сектор на Фондот, каде што од предвидените 42 работни места се пополнети само седум. Дополнително, институцијата нема назначено офицер задолжен за сигурноста на информацискиот систем.

Ревизорите утврдиле дека ФЗО нема соодветно тестирани процедури за обновување на резервните копии на податоците во случај на сајбер инцидент, што отвора прашања за подготвеноста на институцијата да се справи со евентуални нови напади.

Недостатоци се констатирани и во обуките на вработените. Според наодите, не се спроведувале континуирани едукации за сајбер безбедност, ниту симулации со лажни фишинг пораки, преку кои би се проверила способноста на персоналот да препознае потенцијални електронски закани.

Дополнителен проблем претставуваат прекините во континуитетот на договорите за одржување и информатичка поддршка, како и отсуството на сеопфатно пенетрационо тестирање, со кое би се идентификувале безбедносните слабости во целиот информациски систем.

По објавувањето на ревизорските наоди, од Фондот за здравствено осигурување информираат дека е изготвен акциски план за спроведување на препораките.

Од институцијата посочуваат дека за мерките поврзани со зајакнувањето на информациската безбедност, модернизацијата на системите и кадровското екипирање се определени рокови за реализација, најдоцна до 31 декември 2027 година.

Наодите повторно го актуализираат прашањето за безбедноста на здравствените податоци, особено по големиот сајбер напад врз ФЗО во февруари 2023 година.

Тогаш информацискиот систем на Фондот беше надвор од функција околу две недели, што предизвика сериозни проблеми во обработката на боледувањата, породилните отсуства и исплатите кон осигурениците. Работата на системот беше обновена на 20 февруари 2023 година.

Ревизорските наоди укажуваат на потребата од посилни безбедносни механизми, кадровско зајакнување и редовни проверки на информациската инфраструктура, со цел да се намали ризикот од нови прекини во функционирањето на здравствениот систем.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни