Во Источниот плански регион започна масовната вакцинација на овците и козите против болеста сипаници, како дел од националната кампања за заштита на ситниот добиток. Вакцинацијата се спроведува согласно Решението за итна вакцинација, одобрено од Европската унија, а целта е да се спречи ширењето на болеста и да се намалат ризиците за сточарството.
Денеска, 19 ноември, завршува првата фаза од дистрибуцијата на вакцините, со што се обезбедуваат услови за продолжување на вакцинацијата во предвидените региони. Вакцините се од турско производство, а целокупната количина е обезбедена преку донација од Европската унија.
Со националната кампања се планира да бидат опфатени вкупно 438.042 овци и кози, распоредени во 3.417 стада низ осумте плански региони во земјава.
Во првата фаза вакцинацијата ќе се спроведува во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион, каде што се регистрирани 1.859 стада со вкупно 193.527 животни.
Втората фаза ќе ги опфати Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион, со предвидена вакцинација на 244.515 животни во 1.558 стада.
Предвидена е и трета, дополнителна фаза, чија цел е да се постигне што поголем опфат на животните. Во неа ќе бидат вклучени јагниња и јариња што дополнително ја достигнале потребната возраст за вакцинација, како и животни кај кои имунизацијата претходно била одложена поради здравствени причини или ветеринарна проценка.
Дополнителната вакцинација ќе се однесува и на одредени категории бремени животни, животни во периодот по породувањето, како и на фарми што биле недостапни за време на првичната кампања. На фармите каде што постоело сомневање за зараза, вакцинацијата ќе се спроведува само со одобрение од надлежниот официјален ветеринар.
Според предвидениот план, вакцинацијата првенствено ќе ги опфати клинички здравите овци и кози, како и јагнињата и јарињата што ја исполнуваат минималната возраст за имунизација. За болните, гравидните и останатите категории животни ќе се постапува согласно упатството за употреба на вакцината и стручната ветеринарна проценка.
Надлежните ја истакнуваат важноста на навремената вакцинација како една од клучните превентивни мерки за спречување на ширењето на сипаниците кај овците и козите, заштита на сточниот фонд и намалување на можните економски загуби кај одгледувачите.