Полициските службеници имаат законска обврска да ги заштитат жртвите на семејно насилство и да ги спроведуваат судските одлуки, без разлика дали лично го познаваат пријавениот насилник.
Ова го нагласи јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, во разговор за институционалната одговорност и случаите во кои изречените заштитни мерки не успеале да спречат трагични последици.
Во емисијата беше отворено и прашањето за случајот со убиството на Росица и нејзиниот татко во Велес, како и за постапувањето на полициските службеници во случаите на претходно пријавено насилство.
Андонова посочи дека судските одлуки за привремени мерки за заштита мора да бидат почитувани и спроведувани од надлежната полициска станица.
Според неа, полициските службеници немаат обврска само формално да ја примат судската одлука, туку и активно да постапуваат во рамките на своите овластувања.
Обвинителката нагласи дека самото носење униформа не претставува заштита од одговорност за евентуално незаконско постапување или непостапување.
„Секој од нас, особено оној што ја носи униформата, независно дали го познава или не го познава сторителот, треба да ја почитува судската одлука“, истакна Андонова.
Таа посочи дека во помалите средини личните познанства и меѓусебните врски можат да влијаат врз практичните околности на постапувањето, но тоа не смее да биде оправдување за непочитување на законот.
За обвинителката, заштитата на жртвата секогаш мора да биде примарен интерес.
Во разговорот беше отворено и прашањето за воведување современи механизми за следење на лицата на кои им се изречени забрани за приближување.
Андонова оцени дека ваквите технолошки решенија би можеле да ја подобрат заштитата, особено затоа што постојаното следење на спроведувањето на мерките бара значителни човечки ресурси.
Таа предложи да се разгледаат позитивните искуства од други држави, со соодветна законска основа за нивна примена.
Според неа, неопходно е институциите да најдат начин жртвите навреме да можат да алармираат доколку сторителот ги прекршува изречените мерки.
„Примарниот интерес е заштитата на жртвата“, порача Андонова, нагласувајќи дека институционалната одговорност мора да биде реална, а не само формална.