Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ вечерва во дебатното издание „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека пред осум месеци барале кризна состојба, но тогаш од Владата ги убедувале дека нема потреба.
„Ние имавме барања почетокот на март да се прогласи веднаш кризна состојба за да се подигнат капацитетите, тогаш уште не знаевме со што се бориме. Тогаш од Владата бевме убедувани дека такво нешто не е потребно, една недела траеше тоа, за потоа да се отиде кон вонредна состојба. Тогаш можеше сите капацитети да се искористат како кризна состојба, а потоа да се оди во вонредна состојба ако состојбите го налагаа тоа“, посочи Андоновски.
На ова, поранешниот пратеник од СДСМ Павле Богоевски му возврати дека кога барале кризна состојба немало потреба затоа што тогаш капацитетите биле доволни.
„Ова е ужасно неконзервативно решение од партија којашто би требало да биде конзервативна, конзервативните партии се традиционални по планот како што одат капиталот, односно слободата на пазарот до последниот момент. Во тој момент немавме потреба, јавното здравство беше доволно, дали се сеќавате на тие наративите за израмнување на кривата, за да не ни дојде бројот на заболени толку нагло за да јавното здравје не може да се справи. Не се случи бидејќи немаше потреба, кривата не беше толку висока за да мора да биде ангажирано и приватното здравство во јавни цели“, додаде Богоевски.
Тој додава дека сега здравствениот јавен систем нема капацитет за да се справи со новите бројки и затоа сега се применува оваа мерка.
.
