Анѓушев и Дончев: Колку сме повеќе поврзани, толку е подобро за економијата во целост на двете земји

На првиот бизнис форум „Македонија-Бугарија 2019“, заклучоците на официјалните лица на двете земји е дека по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, меѓусебната трговска размена помеѓу двете земји е интензивирана, како и дека има потенцијали за уште подобра економска соработка.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со организирање на овој форум се прави вториот конкретен чекор кон охрабрување на стопанството да соработува повеќе и да има економски раст и просперитет во двете држави. Првиот чекор беше постигнување политичка стабилност овозможен со потпишувањето на Договорот за пријателство со Република Бугарија.

„По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство  и соработка, бројките покажуваат нагорен тренд и раст. Во 2018 година трговската размена на двете земји во првите 10 месеци, достигна 695,2 милиони долари, или раст од 16,95% во споредба со истиот период во 2017 година. Исто така, карактеристична и важна е бројката на бугарски граѓани кои ја посетиле Македонија, во 2017 година таа изнесува 17 000, а во 2018 година достигнува 47 000 лица, што е енормно голем раст. Овие податоци ни даваат право да се надеваме и да очекуваме дека овде има уште поголем потенцијал, капацитет и тенденција за раст. Но уште поважно е дека ова не се еднострани бројки, не се индикатори за трговската размена само во еден правец, туку се одвиваат во двете насоки. Извозот и увозот почнаа да растат истовремено. Тоа значи дека двете економии почнале поинтензивно да соработуваат. Улогата на владите во засилување на економската размена е обезбедување услови за поинтензивна економска соработка, а точно тоа и го правиме“, изјави Анѓушев.

Потпретседателот на Советот на Министри на Република Бугарија, Томислав Дончев кој ја предводеше делегацијата ја истакна улогата на државата и институциите, а зборуваше и за можностите за поголема стопанска размена.

„Државата и институции на системот треба да помагаат како во конкретниот случај со граничната контрола, предлог за кој многу е дискутирано и анализирано. Имаме искуство, сме го правеле тоа, се дозволува според европското законодавство и овозможува слободно движење на луѓето. Токму во тоа е поврзаноста. И затоа, се што зависи од нас, од бугарска страна ќе биде исполнето. Големата тема е железницата. Патните врски на територија на Бугарија во голем дел се подготвени. Во моментов се проектира и се ангажираме во 2021 година да можеме да градиме. Но, не треба да се зборува само за патишта и железница, туку и за енергетска поврзаност, за дигиталната поврзаноста, за комуникациска поврзаност. Се сложивме дека тоа е сектор со голем потенцијал за заедничка соработка. Колку сме повеќе поврзани, толку тоа е подобро за економијата во целост на двете земји. Јас сум апсолутно сигурен дека тоа можеме да го постигнеме заеднички“, потенцираше Дончев.

 

Извор: ТВ21