Претставници на индустријата за игри на среќа денеска одржаа заедничка прес-конференција во паркот „Жена борец“ во Скопје, реагирајќи на ставaњето на Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри на дневен ред во рамки на 104. собраниска седница. Настанот беше организиран од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС), со поддршка на вработените во дејноста.
Претставниците на двете асоцијации упатија јасен апел до пратениците да го отфрлат предложеното законско решение, оценувајќи го како штетно, деструктивно и со потенцијал да предизвика сериозни економски последици за секторот и за илјадници работни места.
На прес-конференцијата се обрати претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, кој истакна дека предложениот закон претставува ризик за опстанокот на легалната дејност и може да ја отвори вратата за сивата економија.
Тој порача дека со ваквото законско решение се загрозуваат над 10.000 директни работни места, како и десетици илјади индиректно поврзани со дејноста, додавајќи дека станува збор за егзистенција на повеќе од 35.000 луѓе заедно со нивните семејства.
Илијевски предупреди дека затворањето на легалните објекти нема да придонесе за поголема заштита на младите, туку напротив може да ја засили нелегалната понуда.
Од АСОМ и АПИС посочија дека легалните приредувачи претставуваат прва контролна линија во спречување пристап на малолетници, преку задолжителна проверка на лични документи.
Во своите излагања, тие оценија дека со ограничување или затворање на легалниот сектор, значителни буџетски приходи – кои според нив изнесуваат околу 350 милиони евра годишно – би можеле да се прелеат кон нелегалниот пазар.
Претставниците на индустријата истакнаа дека не се против регулација, но сметаат дека досегашниот процес на изработка на законското решение не вклучил доволно дијалог со засегнатите страни и не ги земал предвид нивните предлози.
Тие потсетија и на претходно предложени мерки, меѓу кои построги санкции за прекршување на забраната за малолетници, либерализација на онлајн пазарот за легалните оператори и засилени едукативни кампањи за одговорно играње.
Работниците од секторот порачаа дека бараат итно повлекување на предлог-законот и отворање на суштински дијалог со институциите, предупредувајќи дека во спротивно ќе следуваат порадикални чекори, вклучително и протести на национално ниво.