Силно невреме вчера погоди делови од Европа, а најмалку 13 лица загинаа, меѓу кои и неколку деца.
За денеска е издадено предупредување за невреме за јадранското Море .
Шест лица загинаа на Корзика
Шест лица загинаа на Корзика. Дрво паднало врз 13-годишно девојче во кампот во Сагон на западниот брег на островот.
На југот на островот пак, 72-годишна жена загинала кога покривот на куќа на плажа паднал врз нејзиниот автомобил.
Загинаа и жена која била во кајак, рибар и уште две лица. Ветерот на островот дувал со брзина и до 200 километри на час.
Невремето и низ Австрија и Италија
Две деца на возраст од четири и осум години загинаа во јужна Австрија кога дрвја паднаа во близина на езеро во Корушка. Десетина луѓе се повредени, од кои некои потешко.
Три лица загинаа откако дрво паднало на северот во Долна Австрија.
Австриските железнички врски беа прекинати денес, еден ден откако смртоносните бури зафатија делови од Европа и предизвикаа голема штета.
Возовите не сообраќаат во австриските провинции Корушка и Штаерска, откако ветровите со брзина до 140 километри на час ги урнаа електричните столбови.
Возовите од Виена до Венеција беа пренасочени преку Салцбург, а во прекин беа и регионалните возови, соопштија Австриските железници.
Денеска повторно беше отворен автопатот А2, кој претходно беше затворен поради паднати дрвја и прекин на струја во тунелите.
Полицијата соопшти дека уште три жени загинале додека планинареле во Гејминг, Долна Австрија, откако врз нив паднало дрво.
Две лица загинаа во невремето во Тоскана.
Дрвја паднале врз маж и жена. Пожарникарите имале 150 интервенции во Лигурија и Тоскана.
Погодени и делови од Словенија
Силно невреме со силен ветер во четвртокот попладне помина над делови од Словенија. Во Љубљана ветерот дувал со брзина поголема од 100 км/ч.
Силниот ветер однесе неколку покриви, паднаа неколку дрвја, а имаше и повредени.
Оштетувања има и на градежното скеле во центарот на градот. Парчиња од скелето биле разнесени од ветрот.