Драган Апостолов, командир на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кочани, во гостување во Отвореното Студио на 4ТВ.мк детално ги опиша моментите од интервенцијата при пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Најголемите предизвици беа спасување на повеќе луѓе, без жртви од наша страна. Бевме внатре во самиот оган, меѓу повредените, за да извлечеме колку што е можно повеќе деца кои лежеа на подот во дискотеката“, рече Апостолов.
Тој објасни дека температурата на огнот била многу висока и дека заштитните униформи тешко издржувале, додека дел од младите кои биле во кратки ракави се соочиле со изгореници.
„Кога пристигнавме со повеќе возила, започнавме да ги надополнуваме цистерните со вода и да користиме водена ‘лепеза’. Така се врти млазницата на цревата за да го контролира топлинскиот притисок и да се сопре огнот, за да можеме да ги изнесеме повредените“, рече Апостолов.
Командирот нагласи дека покрај неговата единица, во интервенцијата биле мобилизирани и доброволното друштво од Кочани, со цел да се обезбеди доволен број на возила, вода и ресурси за спасување.
„Со координираната акција на сите тимови, успеавме да спасиме колку што можеше повеќе животи“, заклучи Апостолов.
