АМЕРИКАНСКИОТ технолошки гигант Apple за прв пат започна со продажба на своите iPhone-и произведени во индиски фабрики, соопштено е денеска на презентацијата на новиот модел на смартфонот во Њу Делхи. Одреден број модели на iPhone 15 и iPhone 15 Plus од индиско производство се во продажба од вчера во неколку земји, вклучително и самата Индија, потврдија за ДПА извори од компанијата.
Повеќето производи на Apple се уште се произведуваат во Кина. Сепак, според неодамнешните извештаи, со оглед на геополитичките тензии, Apple се обидува да вклучи и други земји во своите синџири на снабдување, со фокус на Индија и Виетнам. Пошироката дистрибуција на производството е поврзана и со војната на Русија против Украина и пандемијата на Ковид-19, бидејќи овие настани ја изложија големата зависност на синџирите на снабдување од меѓународните околности.
Индија, која обезбедува владини стимулации за производство на паметни телефони, со своите 1,4 милијарди жители претставува атрактивен пазар во развој. Релативно скапите iPhone телефони, сепак, сè уште имаат само мал дел од продажбата на паметни телефони во таа земја. Оваа година Apple за прв пат ги отвори своите официјални продавници во Индија.