Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета во Белград – Македонците чекаат автобуси!

Авион со околу 200 српски државјани слета денеска во Белград, откако воздушниот сообраќај меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беше привремено суспендиран поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток.

Според информациите објавени од Радио-телевизија Србија (РТС), летот полетал од аеродромот во Дубаи синоќа околу 23:30 часот по средноевропско време. Станува збор за авион „Boeing 737 MAX 8“, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата Flydubai.

Во меѓувреме, авиокомпанијата Emirates соопшти дека продолжува со ограничен број летови. Од компанијата информираа дека приоритет ќе имаат патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени ќе бидат директно контактирани. Патниците се повикани да не доаѓаат на аеродром доколку претходно не добијат известување, бидејќи останатите летови остануваат суспендирани до понатамошно соопштение.

Суспензијата на летовите следуваше по започнувањето на американско-израелската воена кампања против Иран, по што Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел и врз неколку земји во регионот кои се домаќини на американски воени објекти.

Во меѓувреме, Амбасадата на Македонија во Абу Даби соопшти дека, во координација со властите на ОАЕ и Кралството Саудиска Арабија, ја разгледува можноста за евакуација и репатријација на македонските граѓани затекнати во регионот.

Според најавите, евакуацијата би се одвивала по копнен пат со автобуси од ОАЕ до Саудиска Арабија, во траење од 13 до 15 часа, по што граѓаните би продолжиле со авионски летови од територијата на Саудиска Арабија. Властите во Ријад би издавале хуманитарни визи на самиот граничен премин, врз основа на претходно доставен список преку формално барање од Амбасадата и Министерството за надворешни работи.

Од Амбасадата апелираат сите заинтересирани македонски граѓани да се пријават на дежурниот телефонски број и на официјалната електронска адреса, со цел навремена организација на евакуацијата.