Претставник на Украина изјави дека патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс кој вчера се урна во близина на казахстанскиот град Актау бил погоден од руска противвоздушна одбрана, пренесе Укринформ.
Андриј Коваленко, шеф на украинскиот центар за борба против дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана, го напиша ова во апликацијата Телеграм, соопшти украинската новинска агенција.
„Авионот Ембраер 190 на Азербејџан ерлајнс, кој се движеше од Баку кон Грозни, беше погоден од руска воздушна одбрана“, напиша Коваленко, цитиран од Укринформ.
Тој ја критикуваше Русија што не го затвори воздушниот простор над Грозни, главниот град на руската република Чеченија, што можеше да ја спречи трагедијата.
„Авионот беше оштетен од Русите и беше упатен во Казахстан, наместо итно да слета во Грозни и да спаси човечки животи“, додаде Коваленко.
Во авионот имало 67 лица, а според првите информации имало 38 жртви, објаснува Укринформ.