Австралија завиена во црно, се огласи и мајката на напаѓачот: „Ми рече дека одат на риболов“

Австралија е завиена во црно откако двајца мажи во неделата убија најмалку 15 лица во напад врз еврејската заедница за време на прославата на Ханука.

Полицијата соопшти дека таткото и синот осомничени за нападот на плажата Бонди во Сиднеј ги извршиле злосторствата со огнено оружје кое легално го поседувале.

Се вчитува...

Дваесет и четиригодишниот Навид Акрам бил уапсен на местото на настанот и пренесен во болница во Сиднеј со тешки повреди. Неговиот 50-годишен татко, Саџид Акрам, бил убиен во судир со полицијата.

Верена, мајката на осомничениот Навид, изјави дека разговарала со синот на денот на нападот и дека мислела оти заедно со татко му заминале на излет во природа и на риболов.

„Ме повика и ми рече: ‘Мамо, штотуку бев на капење. Нуркав со боци. Сега одиме да јадеме и потоа ќе останеме дома бидејќи е многу жешко’“, раскажа таа.

Поранешен колега: „Ми се слоши“

Навид работел како ѕидар, а неговиот поранешен колега Лачи опиша како се почувствувал кога дознал со кого работел.

„Ми се слоши од помислата дека поминав толку многу време со некој кој се покажа како такво чудовиште“, изјави тој, додавајќи дека по сознанието останал „во шок и неверување“.

Шефот на Навид изјавил за „Гардијан“ дека го примил како чирак пред шест години и го опишал како вреден работник кој никогаш не земал слободни денови. Посочил дека не го познавал добро бидејќи вработува многу луѓе, но дека Навид го сметал за тивка личност.

„На градилиштето работите како тим и сте во близок контакт, но надвор од работното време тој не се дружеше со никого. Ручаше сам, а не со другите“, раскажа тој.