Свет

Австрија ги заострува казните: Непочитувањето на овие правила на автопат може скапо да ве чини

Австрија ги заострува казните: Непочитувањето на овие правила на автопат може скапо да ве чини

Австриското Министерство за сообраќај објави нов каталог на сообраќајни казни, со кој значително се зголемуваат паричните санкции за возачите. Новите правила ќе стапат во сила на 1 јануари 2027 година, а казните во просек ќе бидат повисоки за околу 50 проценти.

Една од најстрогите казни се однесува на возењето по лентата за застанување на автопат. Отсега, за ваков прекршок ќе следува парична казна од 200 евра.

Возењето по левата (претекнувачка) лента без потреба, односно непочитувањето на правилото за движење по десната лента, ќе се казнува со 100 евра, додека претекнувањето од десната страна ќе чини 115 евра.

Ќе поскапат и низа други сообраќајни прекршоци:

паркирање во зони каде е забрането запирање и паркирање – 60 евра

непоставување паркинг-диск во зона со ограничено паркирање – 60 евра

влегување во крстосница на жолто светло – 70 евра

непочитување на сообраќајниот знак „СТОП“ – 70 евра

пречекорување на брзината во населено место до 30 километри на час – од 50 до 120 евра

опасно претекнување, на пример пред пешачки премин – 140 евра

Австриските власти велат дека целта на новите правила не е само зголемување на приходите, туку и усогласување на казните во сите покраини, како и подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Бидејќи Австрија е една од честите транзитни и туристички дестинации за возачите од регионот, особено во зимскиот период, се препорачува дополнително внимание зад воланот, бидејќи непочитувањето на правилата може да резултира со стотици евра трошоци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни