Австрија за почеток на преговорите – Димитров: „Ако се раздели пакетот, подобро една отколку ниедна“

Ставот на Австрија е дека Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за почеток на преговорите – изјави во Скопје министерот за надворешни работи на Австрија, Алесандар Шаленберг.

-Нашата позиција е многу јасна, дека двете земји, Северна Македонија и Албанија треба да добијат зелено светло во Брисел за отворање на пристапните преговори-вели Шаленберг.

Шаленберг не сакаше да го коментира можното двоење на пакетот на Македонија и Албанија, ниту пак за условите кои може да им се постават на земјите, како што направи Германија со Албанија.

Министерот за надворешни работи на земјава, Никола Димитров рече дека во интерес на Македонија и геополитиката на Балканот е и Албанија да направи исчекор, меѓутоа на крајот на краиштата, според него, почетокот на преговорите е процес што се фокусира на индивидуалните постигнувања.

Зборувајќи за Македонија, Димитров спомна неколку реформи и прогрес што го постигнала земјава и затоа според него РСМ заслужува следниот чекор да биде почеток на европскиот пат.

На заедничката прес конференција Димитров – Шаленберг и претходеше средба на дипломатски претставници на двете земји.

Министерот за надворешни работи на Австрија исто така се сретна и со претседателот Стево Пендаровски и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

Извор: ТВ21