Австрија ќе ги загуби сите свои глечери за 40 до 45 години, предупредија денеска нејзините експерти, бидејќи два од нејзините глечери се намалија за повеќе од 100 метри минатата година.
Во светот постои загриженост за влијанието на затоплувањето на климата врз глечерите на планетата, а најновиот годишен извештај на Австрискиот алпски клуб (ОАВ) укажува на спектакуларното повлекување на австриските глечери во последните седум години.
Студијата покажува дека 93-те австриски глечери надгледувани од организацијата минатата година се повлекле просечно 23,9 метри, што е третото најголемо топење на глечерите од почетокот на мерењата во 1891 година.
Најлошата година во однос на топењето на глечерите во Австрија беше 2022 година, со просечно повлекување на мразот од 28,7 метри.
„Поради екстремното затоплување на Алпите, глечерите практично би можеле да исчезнат за 45 години“, предупреди Алпскиот клуб, кој смета дека мерките за заштита на климата се преземени предоцна.
„За 40 до 45 години, практично цела Австрија ќе биде без глечери“, изјави денеска за новинарите Андреас Келерер-Пирклбауер, раководител на службата за мерење глечери во Алпскиот клуб.
Во 2017 година, глечерите во Австрија се стопиле во просек 25,2 метри, што е второто највисоко регистрирано топење, според Алпскиот клуб.
И минатата година, два од глечерите во земјата се намалија за повеќе од 100 метри, глечерот Пастерзе изгуби 203,5 метри, а Ретернбахфернер 127 метри.
Герхард Либ, координатор на службата на Клубот за мерење на глечерите, изјави дека австриските глечери повеќе не можат да се спасат и дека нивното исчезнување во наредните децении е „незапирливо“, пренесува АП.
Процесот на создавање резерви на снег на горниот тек на глечерите за да може да се стабилизираат трае со децении и „времето истекува“, рече тој. ;
„Тоа значи дека ништо повеќе не може да се направи“, додаде тој.
Можно е некои глечери да останат на засенчени локации, во близина на глечерот Глокнер на североисточната страна и во некои делови од долината Ектал, но всушност Австрија ќе остане главно без глечери, според експертите.
Експертите кои работат на Географскиот институт на Универзитетот во Грац велат дека фактот што во земјата се уште има глечери целосно се должи на резервите од минатото.
ОАВ повикува на подобра заштита на глечерите, нагласувајќи дека биодиверзитетот на алпските предели е постојано под стрес поради изградбата на нови ски-лифтови и концентрацијата на ски центрите.
Според Светската метеоролошка организација, големите глечери на планетата бележат невидено топење од почетокот на мерењата во 1950-тите, а ситуацијата е „екстремна“ во западниот дел на Северна Америка и во Европа.