Два часа по полноќ, автобус со патници кои се возеле од Битола за Виена, се излизгал од коловозот, излетал од патот, ја пробил заштитната ограда и се превртел. Несреќата се случила во близина на српскиот град Лесковац. Тројца патници загинале, 32 се повредени, а четворица се наоѓаат во критична состојба. Од МНР потврдија дека двајца од загинатите патници се македонски државјани. Едниот е 68-годишен маж од крушевското село Бучин, а втората жртва е 68-годишна жена од Кочани. Двајцата возачи, едниот од Демир Хисар, а другиот од Прилеп, не се повредени.
Според изјавите на полесно повредените пациенти, речиси сите спиеле во автобусот. Ги разбудил ударот и силното врескање.
„Спиев, не знам како се случи. Луѓето врескаа. Во тие моменти кога се разбудив веќе автобусот беше превртен.“
„Воопшто не се сеќавам. Спиев. Видов само дека сме долу и ништо друго.“
„Спиев, ама немам повреди. Добро поминав. Ги чекаме и другите патници.“
Пациентите биле пренесени во болниците во Лесковец и Ниш. Докторите велат дека пациентите се уште се во шок, но не се во животна опасност.
„28 пациенти се донесени во општата болница во Лесковац. Четворица се донесени на хирургија, еден е опериран. Еден пациент е примен на ортопедија, 23 пациенти се во ургентниот центар со лесни телесни повреди.
Сите пациенти се надвор од животна опасност. Очекувам нивната состојба да се стабилизира.“, изјава на доктор.
Како што е веќе познато, автобус на компанијата „Еуробус“ од Струга, тргнал вчера вечер во 19 часот од Битола кон Виена. Поминувајќи низ соседна Србија, на влезот на градот Лесковац, се превртел. Несреќата се случила во услови на снежно невреме, но истрагата допрва треба да ги утврди причините. Кон местото на несреќата, се упатиле и министрите за здравство Венко Филипче и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.
Во текот на денот, ТВ21 неколкупати телефонски се обиде да стапи во контакт со компанијата „Еуробус“ од Струга, но на нашите повици немаше одговор.
Репортер: Данче Азманова
