Автопатот Скопје – Блаце не може да се прекине, Аслани: Очекуваме компромис за цената на земјиштето

18 сопственици на земјиштето каде што треба да се изградат првите 2км од автопатот Скопје – Блаце го ангажирале адвокатот Мефаиљ Аслани. Тие бараат да се направи повторно проценка на нивното земјиште и со тоа да се зголеми цената што ја понудија државните власти за отуѓување. Адвокатот Аслани вели дека постапката е во фаза на постигнување договор меѓу сопствениците, јавното претпријатие Државни патишта, Министерството за финансии и Државниот правобранител, со цел да се изнајде компромис. Верува дека случајот нема да заврши во Основен суд Скопје 1, бидејќи, како што вели, тоа е постапка која трае со години.

Се вчитува...

„Реално, јас сум оптимист дека ќе постигнеме договор каде ние ќе ја утврдиме фактичката состојба на имотот, конкретно, реалната цена  на имотот. Верувам дека и со самото претпријатие, Министерството за финансии и Државниот правобранител ќе имаме согласност и ќе постигнеме цена која ќе им одговара на двете страни.“, вели Аслани.

Тој уверува дека неговото ангажирање како адвокат и барањето на жителите за повисока цена, не може да го прекине градењето на автопатот,бидејќи, како што вели, тоа е национален проект и Законот за отуѓување е јасен во тој дел.

„Самиот закон предвидува, кога станува збор за јавен интерес, тој проект, конкретно патот не може да биде попречен. Законот е прецизен и вели дека секој сопственик своите права треба да ги бара врз база на процедурите предвидени со законот за отуѓување.“, рече Аслани.

Аслани е убеден дека барањето на сопствениците на земјиштето во Блаце е нивно право и очекува Министерството за финансии и јавното претпријатие Државни патишта  да најдат компромисна цена.

Во меѓувреме жителите во неколку наврати се жалеа дека им е понудена ниска цена која варира од 4 до 10 евра. Освен со отуѓувањето, проектот заглави и на терен, биејќи 5 месеци откако почнаа работите а ниту еден сантиметар не е асфалтиран. Се уште се работи на копање на трасата. Вчера прашавме во Државни патишта зошто работите се одвиваат толку бавно, но од таму се уште без одговор.

.

Извор: ТВ21