Унгарија никогаш не се пожалила за состојбата на судскиот систем и затворите во Македонија, и поради тоа, министерката за правда, Рената Дескоска, верува дека екстрадицијата ќе се случи. Таа вели дека унгарскиот закон овозможува и повлекување на азилот откако ќе биде даден, поради што верува дека Груевски ќе биде изведен пред правдата.
Но,нема никаков знак дека унгарските власти ќе се предомислат. Унгарскиот министер за правда, Лазло Трошан, вели дека треба да се земе предвид дека тој бил екс премиер кој што требал да биде притворен.
„Да бидам искрен, кога екс премиер е испратен во затвор, неговата ситуација не е лесна. Не сум ги прочитал образложенијата на одлуката, но според моето мислење треба да ги разгледаме заканите и нивниот кредибилитет. Доколку се тие веродостојни, се разбира, лицето ќе добие статус на бегалец. Друго прашање е што Македонците протестираат и бараат екстрадиција. Доколку некој добие статус на бегалец, тогаш добива таканаречен сертификат на бегалец, може да добие патни исправи, а потоа може слободно да се движи. Секој што добил статус на бегалец, според меѓународните регулативи на ЕУ, има право слободно да се движи“, изјави Лазло Трошан.
На крајот, реагираа и претставници на ЕУ. Комесарот за проширување, Јоханес Хан, побарал јавно објаснување од унгарскиот премиер, Виктор Орбан доколку навистина му доделиле политички азил на Груевски.
„Владеењето на правото останува суштински принцип за државите членки и државите кандидатки. Круцијално е за кредибилитетот на Европа. Се чудам како Унгарија го поддржува членството на Македонија, а не ја смета за безбедна држава. Очекувам објаснување за ова прашање од Виктор Орбан“, напиша Хан.
Оваа негова порака на Твитер предизвика реакција во Будимпешта. Терминот што го употреби еврокомесарот Хан за објаснувањето од Обран, не му се допадна на портпаролот на владата, Золтан Ковач.
„Објаснување? Прочитај го извештајот од март 2018 за Македонија во делот за опасност од политичко мешање во судството“, му врати Ковач.
Унгарскиот портпарол го подвлече делот од извештајот во кој се истакнува дека се потребни уште обиди за да се гарантира целосна независност на судството.