Барот во Швајцарија никој не го проверил пет години – „Жалиме за ова – им го должиме тоа на семејствата и ќе ја прифатиме одговорноста“, рече градоначалникот

Ски-бар каде што избувна смртоносен пожар на новогодишната ноќ не ја поминал безбедносната проверка пет години, открија швајцарските власти на прес-конференција.

Во трагедијата во барот „Ле Констелејшн“ во одморалиштето Кранс-Монтана загинаа 40 лица, а 116 беа повредени. Властите, исто така, објавија и моментална забрана за употреба на прскалки во локалните ресторани откако прелиминарната истрага покажа дека тие се веројатна причина за пожарот, јавува Би-Би-Си .

Се вчитува...

Трагедија на новогодишната ноќ

За потсетување, пожарот избувна во раните утрински часови на 1 јануари во подрумот на популарен бар кој беше преполн со гости, претежно помлади луѓе.

Жртвите биле на возраст од 14 до 39 години, а меѓу повредените имало најмалку 12 различни националности, од кои 83 се уште се во болница. Трагедијата доведе до кривична истрага против францускиот пар кој го водел барот, кои се осомничени за убиство од небрежност, телесни повреди од небрежност и палење од небрежност.

Признание од градските власти

Градоначалникот на Кранс-Монтана, Николас Феро, потврди дека во барот „Констелејшн“ не биле спроведени никакви безбедносни проверки, истраги или ревизии во последните пет години. „Жалиме за ова – им го должиме тоа на семејствата и ќе ја прифатиме одговорноста“, рече Феро.

Тој објасни дека тим од само пет лица вршел проверки во област со повеќе од 10.000 згради, вклучувајќи ресторани и хотели. Градоначалникот нагласи дека властите сакаат да бидат транспарентни „веднаш“ кога ќе го забележат пропустот и дека истражуваат зошто се случил. Исто така, беше најавена и целосна ревизија на сите згради во областа.

Градоначалникот е под притисок

И покрај неуспесите, градоначалникот Феро ја отфрли можноста за оставка. „Нема да поднесам оставка, не, и не сакам“, им рече тој на собраните новинари, додавајќи дека „сега не го напуштаме бродот“ и дека тие мора да бидат таму за да им помогнат на жителите.

Феро, исто така, изјави дека верува оти „градот Кран-Монтана е исто така жртва во овој случај“, што предизвика критики.

Тој ја префрли одговорноста за евентуалната пренатрупаност на барот врз менаџерите на објектот, велејќи дека „на судиите е да утврдат кој е одговорен“. Кога го прашале зошто не реагирале порано, тој одговорил: „Многу би сакал овие луѓе да дојдат на мојата врата и да кажат дека е прашање „не дали, туку кога“.“

Детали за истрагата

Службените лица потврдија дека пенастите звучноизолациони панели на таванот на барот, кои очигледно се запалиле од прскалките, никогаш не биле тестирани за отпорност на пожар.

Инспекторите последен пат беа во објектот во 2015 година за да ја проценат надворешната тераса, но не ја проверија внатрешноста. Соочен со тешки прашања, градоначалникот на крајот од конференцијата рече: „Оваа недела беше многу тешка за мене лично. Засекогаш ќе ја паметам таа ноќ и тагата на сите тие семејства.“