Првиот човек на Општина Сарај Блерим Беџети вели дека прв кој телефонски му се јавил за поништување на легализацијата на дивоградбите на Матка бил премиерот Зоран Заев. Како што тврди тој, преку неговиот личен шофер му ги доставил сите списи. Најнапред, вели Беџети, овој потег на Заев го сфатил како обид за помош од негова страна. Вториот пат, Општината ја посетиле адвокатот на премиерот, чие име не го знаеше со сигурност, потоа претставник на Македонската православна црква и еден граѓанин на Општина Сарај. Во присуство на раководителот на секторот за урбанизам на гостите им кажале за правните процедури и постапката потоа продолжила во Министерството за транспорт и врски. Како што вели Беџети, станува збор за една платформа на Матка.
Премиерот Зоран Заев со реакција се јави на социјалните мрежи. Призна дека со Беџети зборувале за Судскиот совет, но не за она што го тврди градоначалникот на Сарај.
Беџети воедно вели дека малку подоцна градоначалникот на Скопје му рекол да срушат само една платформа и да го завршат случајот, а тој тврди дека го одбил предлогот. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека тврдењето на Беџети е делумно точно.
Откако Општина Сарај и градоначалникот Беџети не реагираа, Министерството за транспорт и врски најави дека тие ќе ја преземат надлежноста, односно ќе испратат свои инспектори на терен. Антикоруцпсика покрена постапка за дивоградбите на Матка и најавија кривични за Беџети. Тој тврди дека комисијата влегла во дневно политички пресметки, нарачани како што вели тој од Зоран Заев, како одмазда за услуга која одбил да ја изврши. Беџети воедно најави дека ќе поднесе кривични пријави против членовите на Антикорупциската комисија. Дивоградбите на Матка се уште се заглавени помеѓу институциите и нивните надлежности. Постојат две опции или да останат или да се одземат ингеренциите на Општина Сарај и да се рушат.
РЕПОРТЕРКА: АРБАНА Ќ КЛИМЕНТА