Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, јасно порачал дека сака Соединетите Американски Држави „да го преземат“ Гренланд, додавајќи дека испраќањето европски сили во тој регион нема да влијае на неговата одлука.
Левит рече дека разговорите на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и државниот секретар Марко Рубио биле „плодотворни“.
„Беше тоа добар состанок. Двете страни се согласија да формираат работна група која ќе продолжи со технички разговори за преземањето на Гренланд“, рече Левит.
Таа додаде дека овие разговори треба да се одржуваат на секои две до три недели.
„Ова е разговор кој администрацијата планира да го продолжи со Данците и со делегацијата на Гренланд“, рече таа.
„Меѓутоа, претседателот многу јасно го постави својот приоритет. Тој сака Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд бидејќи смета дека тоа е најдобро решение за националната безбедност.“
Европските сили нема да го променат ставот на Трамп
Левит нагласи дека испраќањето европски сили на Гренланд нема да го промени ставот на Трамп за преземањето на територијата.
Порано беше објавено дека сили од Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија, Норвешка и Шведска се упатиле кон Гренланд.
Данска порачала дека операцијата „ќе ја зајакне нашата способност за дејствување во тој регион“, додека Трамп претходно тврдел дека само американската контрола може да ја заштити арктичката територија од Русија и Кина.
За потсетување, министрите за надворешни работи на Гренланд и Данска одржаа разговори со Венс и Рубио, но по состанокот порачале дека сè уште постои „фундаментално несогласување“ околу иднината на таа данска територија, пренесува Index.hr.
