Свет

Белгија ќе добие сопствени воени сателити

Белгија ќе добие сопствени воени сателити

Белгија ќе вложи над 200 милиони евра во развој на сопствен систем за сателитско набљудување, соопшти министерот за одбрана Тео Франкен, пренесуваат локалните медиуми.

Планирано е првите воени сателити да бидат испратени во орбита веќе наредната година. Системот ќе користи набљудување од ниска орбита, што овозможува добивање слики со висока резолуција, независно од атмосферските услови. До 2030 година земјата очекува да располага со неколку десетици сателити.

Со новите капацитети Белгија има намера да ја подобри способноста за процена на состојбите во стратегиски региони, како Африка, каде што одржува присуство. Сателитските податоци ќе се користат за следење и спречување на закани и ќе се споделуваат со сојузниците. Досега земјата за овие цели се потпираше на француски сателити.

Најавата се вклопува во пошироката модернизација на белгиската одбрана. Американската администрација разгледува да ѝ издаде лиценца на Белгија за производство на ракети што ги користат ловците Ф-35, изјави неодамна амбасадорот на САД во Брисел Бил Вајт, со очекување одлуката да биде донесена до крајот на годината. Паралелно, Белгија најави учество во повеќе заеднички проекти на НАТО, меѓу кои мултинаменскиот танкер-авион А330 МРТТ и воено-транспортниот авион А400М.

Според локалните извори, годинава одбранбениот буџет на Белгија се приближува до 11 милијарди евра со цел одржување на нивото од 2 проценти од БДП, додека дополнителни средства се насочуваат кон зголемување на бројот на резервисти и јакнење на капацитетите за заштита од дронови. Долгорочно, земјата планира до 2035 година значително да ги зголеми одбранбените способности, вклучително и нови вработувања во вооружените сили.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни