Претседателските избори стануваат сѐ поактуелна тема во земјава . Се очекува да се распишат во февруари, а да се одржат во април. Сите зборуваат за консензуален кандидат, но сепак никој не дава конкретни имиња. ТВ21 од своите неофицијални извори, дознава дека е можно двете албански опозициски партии, Алијанса за Албанците и Движењето Беса да излезат со заеднички кандидат. ТВ21 дозна дека кружи името на Иљаз Кадриу, по предлог на здруженијата во дијаспората. Тој е од Кичево, а во моментов живее во Чикаго, САД. Кадриу е потпретседател на „Сојузот на албанската дијаспора за Македонија“, здружение кое во последно време се чини дека се залага и за обединување на албанската опозиција во Македонија.
-Подготвени сме да прифатиме кандидат кој ќе биде над партиска личност, било да е предложена од здруженијата во дијаспора, личност која ќе се залага за поголемо и сеопфатно обединување за застапеноста на Албанците во Македонија. Иљаз Кадриу е кандидат прифатлив за Движењето Беса.
Од Алијанса за Албанците пак, велат дека не ја отвориле темата за кандидат за шеф на државата, па затоа не дадоа конечен став – дали Иљаз Кадриу може да биде заеднички кандидат на Алијанса за Албанците и Беса.
-Сѐ уште немаме донесено одлука во врска со претседателските избори. Централното Раководство на Алијанса за Албанците, за оваа тема ќе разговара на наредниот состанок – велат од Алијанса за Албанците.
И додека во блокот на албанската опозиција се зборува за заеднички кандидат за Претседател, останатите партии молчат по ова прашање. Владините коалициски партнери СДСМ и ДУИ, сѐ уште не излегуваат со конкретно име, а синоќа вицепремиерот Бујар Османи рече дека досега се договориле за концептот на консензуален Претседател. Конкретно име нема ниту од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, рече дека конкурсот за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде отворен до 31 јануари. Потоа ќе следи разгледување на апликациите, а како што рече, партијата може да излезе со кандидат дури по одржување на партиската конвенција која се очекува да се одржи на 16-ти февруари.
Репортер: Бесир Арифи
