Сите ученици кои од новата учебна година ќе се запишат во прва година во средните училишта во Скопје ќе добијат бесплатни училишни униформи, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според него, мерката има за цел да создаде порамноправна средина меѓу учениците и да ги намали разликите кои често можат да доведат до поделби, дискриминација и појава на булинг во училиштата.
„Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и чии родители имаат поголема финансиска моќ“, порача Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека со обезбедувањето бесплатни униформи за сите ученици во прва година, Град Скопје сака да им го олесни финансискиот товар на семејствата и да им овозможи на средношколците поголем фокус кон образованието, личниот развој и градењето на иднината.
„Со оваа мерка ги намалуваме социјалните разлики и создаваме побезбедна и попријатна средина за сите ученици“, додаде градоначалникот.
Ова е прва ваква иницијатива со која сите ученици запишани во прва година во средните училишта во Скопје ќе добијат бесплатна училишна опрема од овој тип.