Одлуката на властите во Босна и Херцеговина да не дозволат прелет на српскиот владин авион предизвика остри реакции од официјален Белград и од Милорад Додик. Авионот требаше да ја пренесе српската владина делегација во Бања Лука, каде што требаше да биде одбележан Денот на српското единство, слободата и националното знаме.
Српскиот премиер во технички мандат, Ѓуро Мацут, оцени дека ваквата одлука е несоодветна за Европа во 21 век. Според него, не треба да се користат административни мерки за да се спречи некого да присуствува на прослава која, како што наведува, не претставува закана за никого.
„Сигурно нема да бидам спречен да бидам во Бања Лука вечерва“, изјави Мацут, според соопштението на Владата на Србија.
Тој најави дека до Бања Лука ќе патува со автомобил, посочувајќи дека му е важно да биде со народот и достоинствено и мирно да го одбележи Денот на српското единство, слободата и националното знаме.
На одлуката реагираше и поранешниот лидер на босанските Срби, Милорад Додик. Тој на социјалната мрежа „Икс“ оцени дека со забраната за прелет на српскиот премиер над територијата на БиХ е „надмината секоја мерка“.
„Политичкото лудило и изливите на омраза од страна на бошњачките политичари мора да завршат. Со едностраната забрана на српскиот премиер Ѓуро Мацут да лета над земјата, тие ја надминаа секоја мерка“, напиша Додик.
Тој истакна дека, според него, властите во БиХ немаат право да донесат таква одлука и ја оцени како неуставна.