Македонија

Битиќи: Секој граѓанин е задолжен 6.000 евра

Битиќи: Секој граѓанин е задолжен 6.000 евра

Вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година повторно го отвори прашањето за управувањето со јавните финансии, откако пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, од собраниската говорница упати остри критики кон економската политика на Владата. Според него, честите измени на буџетските проекции се показател за погрешно планирање, а последиците ги чувствуваат граѓаните преку растот на јавниот долг и намалувањето на животниот стандард.

Битиќи истакна дека за само девет месеци Владата понудила три различни буџетски конструкции, иако раководството останало исто. Тој предупреди дека јавниот долг по жител значително се зголемил во изминатите две и пол години.

„Во јули 2024 година секој еден граѓанин во нашата држава по основ на јавниот долг должел 4.674 евра. Повторувам, секој еден граѓанин, и детето кое се родило во јули должело 4.674 евра. Денес, секое едно дете, секој еден граѓанин должи 6.000 евра. Успеавте во неполни две и пол години јавниот долг по жител да го зголемите за 1.400 евра“, рече Битиќи.

Тој додаде дека овие податоци не ги опфаќаат сите доспеани, а неплатени обврски, ниту проблемите со навременото враќање на ДДВ. Во тој контекст, се повика и на извештаите на Европската комисија, во кои, како што посочи, се нотираат системски слабости во исплатата на данокот.

Осврнувајќи се на цените и инфлацијата, пратеникот на СДСМ оцени дека малопродажните цени во периодот на владеење на ВМРО се зголемиле за повеќе од 22 проценти. Тој ја обвини Владата дека не успева да го спречи растот на трошоците за живот и дека со споредби на месечни показатели создава погрешна слика за инфлацијата.

Битиќи изрази загриженост и за можноста од нова енергетска криза, прашувајќи како Владата би реагирала на поголеми нарушувања на енергетските пазари, ако и помалите промени кај цената на нафтата предизвикале сериозни последици.

„Вие со малку трзавици за нафтата имавте вакви резултати. Замислете што ќе се случи со поголеми проблеми и шокови во електричната енергија. Како што велите и знаете – Господ нека ни е на помош“, рече тој.

Критиките ги насочи и кон промените во буџетските проекции. Според Битиќи, во декември 2025 година Владата предложила буџет со приходи од 374 милијарди и 935 милиони денари, расходи од 414 милијарди и 174 милиони денари и дефицит од 39 милијарди и 239 милиони денари.

Само седум месеци подоцна, како што посочи, со првиот ребаланс биле побарани повисоки расходи и зголемување на дефицитот на 46 милијарди и 264 милиони денари, односно 4,1 процент од БДП. Тој побара објаснување како дефицитот за краток период бил ревидиран од 4,1 на 3,9 проценти од БДП.

„Единствената стабилна работа во економската политика на оваа Влада е нестабилноста на нејзините буџетски планови и манипулирањето со бројките“, истакна Битиќи.

Посебно се осврна на намалувањето на капиталните расходи. Според него, во јули зголемувањето на дефицитот било оправдувано со потребата од дополнителни средства за капитални инвестиции, додека со новиот ребаланс капиталните расходи се намалуваат од 45,9 на околу 40 милијарди денари.

Битиќи посочи дека станува збор за намалување од речиси 5,8 милијарди денари, односно 12,5 проценти, а реализацијата на 6 ноември изнесувала само 58 проценти.

Тој нагласи и дека проектите на Коридорот 8, Коридорот 10д и автопатот Кичево – Охрид се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта, а не се дел од Буџетот на буџетските институции. Според него, при анализата на јавниот долг треба да се земат предвид и средствата на ова јавно претпријатие.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни