БИЗАРЕН СЛУЧАЈ ВО ШВАЈЦАРИЈА: Македонец ограбувал дуќани со една единствена цел – да заврши во затвор за да се лекува од алкохолизам

Окружниот суд во Бремгартен донесе пресуда во еден крајно необичен случај. 29-годишен државјанин на Северна Македонија е осуден за серија грабежи и други кривични дела, а неговиот мотив ги шокираше судиите – сакал по секоја цена да биде уапсен за да се ослободи од зависноста од алкохол зад решетки.

Грабежи, насилство и брзо судење

Пред речиси две години, обвинетиот извршил повеќе грабежи во продавници на „Volg“ и во златари во регионот, при што одзел илјадници франци. На неговото досие биле додадени и десетици други прекршоци, вклучувајќи нарушување на поседот, насилство и закани кон службени лица.

Се вчитува...

Како што пренесува „Aargauer Zeitung“, судењето се одвивало по брза постапка. Оваа процедура е дозволена бидејќи обвинетиот ги признал сите дела, а обвинителството не барало казна поголема од пет години затвор.

„Единствена цел ми беше затворот“

Она што го одбележа процесот е несекојдневното и дрско оправдување на 29-годишникот за сторените кривична дела.

„Во тоа време бев алкохоличар и по секоја цена сакав да одам во затвор за да можам да поминам низ процес на одвикнување“, изјавил тој пред судот.

Претседателот на судот признал дека биле изненадени од ваквото тврдење: „Вакво нешто ретко се гледа“.

Иако обвинетиот потврдил дека знаел за постоењето на специјализирани клиники за рехабилитација, тој додал дека тоа не го интересирало.

„Јас едноставно сакав во затвор. Тоа ми беше единствената цел, ништо друго не ме интересираше“, нагласил Македонецот.

Пет години затвор, депортација и огромни долгови

Судот му изрече затворска казна во траење од пет години, која ќе мора да ја одлежи (со пресметано време поминато во притвор од моментот на апсењето).

Покрај затворот, пресудата му носи и сериозни финансиски последици кои достигнуваат околу 80.500 швајцарски франци:

  • Парична казна од 1.200 франци.
  • Глоба од 300 франци.
  • Отштета во висина од околу 79.000 франци.

Дополнително, по одлежувањето на казната и излегувањето на слобода, тој ќе биде депортиран и ќе добие 10-годишна забрана за влез во државата.