Нападот на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран предизвика сериозни нарушувања во авионскиот сообраќај низ целиот Блиски Исток, но и пошироко.
Затворањето на воздушниот простор во повеќе држави доведе до откажување и пренасочување на бројни летови.
Обединетите Арапски Емирати и Израел во саботата го затворија својот воздушен простор. ОАЕ се седиште на големите авиокомпании за долголиниски летови „Emirates“ и „Etihad“, чии летови се погодени од новонастанатата состојба.
„Qatar Airways Group“ соопшти дека привремено ги суспендирал летовите кон и од Доха поради затворањето на катарскиот воздушен простор. Авионите што биле на пат кон Израел биле пренасочени кон алтернативни аеродроми, додека патниците на Меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ биле вратени од терминалот.
„Emirates“ наведе дека дел од нивните операции се погодени од затворањето на воздушниот простор на ОАЕ и ги повика патниците да го проверат статусот на летовите преку интернет.
Компанијата оперира од Меѓународниот аеродром во Дубаи, едно од најпрометните меѓународни воздухопловни чворишта во светот.
Холандската авиокомпанија „KLM“ претходно најави дека од недела ги прекинува летовите кон и од Тел Авив.
„Virgin Atlantic“ го откажа летот од лондонскиот аеродром „Хитроу“ кон Дубаи и соопшти дека ќе избегнува прелети над Ирак.
Поради тоа, летовите кон Индија, Малдиви, Дубаи и Ријад би можеле да траат подолго. Од компанијата истакнаа дека и онака не летале над Иран и дека сите авиони ќе имаат доволно гориво за евентуални итни пренасочувања.
„Turkish Airlines“ преку платформата X објави дека летовите кон Либан, Сирија, Ирак, Иран и Јордан ќе бидат суспендирани до понеделник. Летовите кон Катар, Кувајт, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Оман нема да се реализираат во сабота, со напомена дека се можни и дополнителни откажувања.
