Граѓаните кои планираат да вадат изводи или други документи од Управата за водење на матични книги треба да се подготват за застој. Вработените во оваа институција, поддржани од КСОМ, најавуваат еднодневен прекин на работата поради неисполнети работнички права.
Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), заедно со вработените, за утре (понеделник, 15.12.2025) закажа прес-конференција на која ќе ги обелоденат деталите за нивниот револт.
Утре протест, во вторник клуч на врата
Според најавата, собирот ќе се одржи утре во 11:00 часот пред просториите на Матични книги – Скопје, кај Уставниот суд (поранешна Комерцијална банка).
Главната вест за граѓаните е најавениот еднодневен бојкот:
- На 16 декември 2025 (вторник), вработените целосно ќе ги прекинат работните задачи.
Причина: Непочитување на Колективниот договор
Од Синдикатот посочуваат дека причината за овој радикален чекор е игнорирањето на нивните права, поточно „непочитувањето на Колективниот договор“.
Повеќе детали за тоа дали штрајкот ќе продолжи и кои се конкретните барања до раководството и Владата, ќе бидат соопштени на утрешната прес-конференција.
