Македонија

Блокирани студенти во Јордан – безизлезна ситуација за враќање дома, МНР без одговор од Турција

13 државјани сакаат да се вратат од Јордан во Македонија. Тие кои останаа блокирани поради корона кризата. 7-мина од нив се роднини, а другите 6 се студенти во главниот град Аман, кои веќе го завршиле школувањето и немаат работа.

„Јас секој ден сум во контакт со конзулатот, и секој ден ни велат дека границите се затворени, тешко е да се патува, само и само ако Северна Македонија обезбеди приватни авиони за враќање назад.“, вели Шпресим Нуредини, студент во Јордан.

Нуредини вели дека од почетокот на јуни Јордан ќе ги ублажи мерките, а трошка надеж за враќање дома имаат во летот за Турција кој ќе земе нивни студенти.

„Ние бараме и ние да бидеме дел од тој лет за враќање во Македонија, иако овој лет е само за ученици од Турција, ние за да се качиме на овој авион треба да се направи барање од Конзулатот, со МНР и Македонија заедно со Амбасадата на Турција“, рече Нуредини.

Нашето Министерство контактирало со турските власти, но одговор се уште нема.

„Постојано се прават напори за пронаоѓање  на можно решение во овие отежнати околности, за што се остваруваат редовни контакти и со турските власти за нивно евентуално преземање на турски лет, за којшто во моментов нема официјална потврда од турска страна дали и кога ќе се случи.“, велат од МНР.

 Од МНР велат дека веќе два месеца се занимаваат со случајот на блокирани државјани во Јордан а пропаднале двата  обида за нивно враќање во татковината. Првиот, како што велат од МНР, поради не совпаѓање на временските саатници на патниците, а вториот обид поради високата цена на авионските билети што ја понудиле авионските компании.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни