Србија се наоѓа пред важна политичка одлука, а високата излезност на изборите покажува дека граѓаните се силно мотивирани да одлучат за иднината на државата, оцени поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, во гостување во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Богдановиќ, кој има право на глас во Србија, посочи дека изборниот ден генерално поминал мирно, со неколку инциденти кои, според неговата оценка, не го нарушиле целокупниот процес.
Според него, српското општество е поделено меѓу актуелната власт предводена од СНС и студентското движење, кое повеќе од две години организира протести и бара промени.
„Мислам дека луѓето денеска одлучуваат во кој правец ќе се движи државата. Сега е финалето и за едните и за другите“, истакна Богдановиќ.
Тој нагласи дека високата излезност двете страни ја толкуваат во своја корист, но дека конечниот одговор ќе го дадат граѓаните преку изборните резултати.