Израел продолжи да гранатира цели во Појасот Газа во текот на ноќта, а во исто време се водеа жестоки битки меѓу израелската војска и борците на Хамас во близина на најголемата болница во енклавата Еш Шифа, пренесе Асошиетед прес.
Во болницата, илјадници медицински лица, пациенти и луѓе раселени поради конфликтот се без струја, велат палестинските власти. Се намалуваат и резервите на храна во медицинската установа.
Најголемиот генератор во болницата вчера останал без гориво, при што загинало недоносено бебе, уште едно бебе во инкубатор и уште четворица пациенти, соопшти Министерството за здравство во Појасот Газа, управуван од Хамас.
Директорот на болницата, Мохамед Абу Селмија, рече дека пациентите, особено оние во единицата за интензивна нега, почнуваат да умираат. Тој зборуваше за АП среде пукотници и експлозии. Директорот рече дека израелските војници пукаат во секого внатре или надвор од болницата и го попречуваат движењето меѓу зградите на болничкиот комплекс.
Светската здравствена организација соопшти дека изгубила контакт со болницата.
Израелската војска потврди дека имало судири пред комплексот на болницата, но портпаролот на израелските сили Даниел Хагари ги негираше тврдењата на директорот на болницата дека таа е под опсада. Хагари рече дека израелската војска ќе помогне да се преместат бебињата кои се лекуваат во болницата денеска и рече дека израелските сили директно и редовно разговараат со болничкиот персонал.
Според Министерството за здравство на Појасот Газа, во болницата се уште има 1.500 пациенти заедно со 1.500 медицински персонал и меѓу 15.000 и 20.000 луѓе кои побарале засолниште таму. Илјадници луѓе ја напуштија болницата и другите болници во Газа кои беа нападнати.
„Оваа неподносливо очајна ситуација во болницата Еш Шифа мора да заврши сега“, рече генералниот директор на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Роберт Мардини.
Палестинската „Црвена полумесечина“ извести дека израелски тенкови се наоѓале на 20 метри од болницата Ал Кудс во градот Газа, предизвикувајќи екстремна паника кај 14.000 луѓе кои таму побарале засолниште од борбите во Појасот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас сноси одговорност за секој случај во кој страдаат цивили. Израел долго време ја обвинува организацијата дека работи во густо населени населби, користејќи цивили како жив штит.
Вчера Нетанјаху почна да го образложува планот на Израел по завршувањето на војната во Газа, што е во остра контраст со визијата промовирана од САД, забележува АП. Нетанјаху рече дека Газа ќе биде демилитаризирана и дека Израел ќе ја задржи контролата врз безбедноста, со тоа што ќе може слободно да влезе во Газа за да ги гони исламистите. Нетанјаху, исто така, ја отфрли идејата дека палестинските власти, кои моментално управуваат со делови од окупираниот Западен Брег, во одреден момент ќе имаат контрола над Газа, забележува АП. Хамас ги потисна силите на палестинската управа од Појасот Газа во 2007 година по една недела улични борби.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека САД се противат на израелската окупација на Газа и дека нивната визија е обединета палестинска влада во Газа и на Западниот Брег како чекор кон формирање палестинска држава. Дури и пред војната, владата на Нетанјаху силно се спротивстави на создавањето палестинска држава, потсетува агенцијата.