Европска унија се согласи во ставот дека ќе ги брани своите и трговските интереси на своите членки, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговските односи со Шпанија, бидејќи таа одби да им дозволи на САД користење на нејзините воени бази за напади врз Иран.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој во текот на денот телефонски разговарал со шпанскиот премиер Педро Санчез, изразил солидарност со земјата.
„ЕУ секогаш ќе обезбеди интересите на земјите членки целосно да бидат заштитени. Повторно ја потврдуваме нашата цврста определба за принципите на меѓународното право и за меѓународниот поредок заснован на правила ширум светот“, напиша тој на платформата Икс.
Говорејќи во Белата куќа во вторникот, Трамп ја нарече шпанската влада „ужасна“.
„Ќе ги прекинеме сите трговски врски. Не сакаме да имаме ништо со Шпанија“, изјави тој.
Заменик-шефот на главниот портпарол на Европската комисија, Олоф Гил, во одговор изјави дека ова извршно тело е солидарно со сите членки.
„Преку нашата заедничка трговска политика, подготвени сме да дејствуваме доколку е потребно за да ги заштитиме интересите на ЕУ“, рече тој.
Европскиот комесар за внатрешен пазар Стефан Сежурне изјави дека секоја закана кон една членка по дефиниција е закана за ЕУ.
Шпанскиот премиер Педро Санчез во средата одговори на заканите на американскиот претседател, велејќи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со „не на војната“.
Тој апелираше да не се повторуваат „грешките од минатото“, мислејќи на инвазијата врз Ирак во 2003 година, за која рече дека не ги постигнала своите цели, создала несигурност и го влошила животот на многу луѓе.
Санчез додаде дека евентуални напади врз Иран би можеле да имаат слично економско влијание врз милиони обични граѓани.
