Канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека потпишаната „декларација за намери“ е јасен сигнал дека Обединетото Кралство ќе распореди сили во Украина во случај на мировен договор.
Во соопштението од Даунинг стрит се наведува дека ова е „клучен дел од цврстата и долгорочна посветеност на Велика Британија“ за поддршка на Украина.
Беше објавено дека Мултинационалните сили за Украина ќе дејствуваат како безбедносна сила за зајакнување на безбедносните гаранции и ќе ѝ помогнат на Украина да се врати во мир и стабилност, а воедно ќе ја поддржат и обновата на сопствените вооружени сили.
Се додава дека потпишувањето на декларацијата отвора пат за воспоставување правна рамка за дејствување на британските и француските сили на украинска територија, вклучително и заштита на украинското небо и море. Кабинетот на премиерот, исто така, наведува дека во денешните разговори, механизмите за распоредување на силите на терен биле подетално разработени, и дека по прекинот на огнот, Обединетото Кралство и Франција ќе воспостават воени центри низ цела Украина, како и заштитени објекти за оружје и воена опрема.
