Бритни Спирс уапсена во Калифорнија поради возење во пијана состојба

Бритни Спирс била приведена во средата вечерта во округот Вентура округ поради возење под дејство на алкохол.

Поранешната пејачка била запрена од полициска патрола околу 21:30 часот по локално време и со лисици на рацете била однесена во полициска станица, а била пуштена нешто по шест часот наутро.

Откако била ослободена, Спирс го избришала својот профил на Инстаграм, а нејзиниот менаџер Кејд Хадсон за TMZ изјавил дека станува збор за „несреќен и целосно неоправдан инцидент“.

„Бритни ќе ги преземе соодветните чекори и ќе го почитува законот и се надеваме дека ова може да биде прв чекор кон промените кои веќе долго време се потребни во нејзиниот живот. Се надеваме дека ќе ја добие помошта и поддршката што ѝ се потребни во овој тежок период“, изјавил Хадсон, пренесува Variety.

Ова не е првпат Спирс да има проблем со законот. Во 2007 година се соочила со четири прекршочни обвиненија по наводно бегство од местото на судир со паркиран автомобил во Лос Анџелес. Обвиненијата подоцна биле отфрлени откако Спирс ја надоместила штетата на сопственикот на возилото.

Инаку, поп-иконата кон крајот на 2025 година ги продаде правата на својот музички каталог во зделка вредна, како што пишуваа медиумите, околу 200 милиони долари. Купувач бил независниот музички издавач Primary Wave.

До продажбата дошло по 13-годишниот период во кој нејзиниот живот бил под судско старателство, поради што таа немала контрола над сопствениот имот и финансии.

Откако во 2021 година повторно ја презеде контролата над сопствениот живот, Спирс ретко се појавува во јавноста, но редовно објавува видеа на социјалните мрежи, често покажувајќи како танцува дома. Иако изјави дека никогаш повеќе нема да се врати на настапи во живо, таа објави неколку синглови, меѓу кои и дуетот со Елтон Џон „Hold Me Closer“ од 2022 година, како и песната „Mind Your Business“ од 2023 година со will.i.am.