Познатата икона на француската кинематографија, Брижит Бардо застана против планираното стрелање на 3.000 лисици во северна Франција.
Таа важи за истакната заштитничка на правата на животните.
„Дозволата за стрелање лисиците е скандалозна! Овие животни ја збогатуваат биолошката разновидност и се важни сојузници на земјоделците. Вашата дозвола за убиство не е ништо друго, туку потчинување на „ловното лоби“, напиша Бардо во отворено писмо до Општината Бове.
Според неа, ловците „им зеле мерка“ на лисиците додека овие им земаат фазани и друг ситен дивеч.
Откако е поднесен приговор, општината го зголеми бројот на лисици што треба да се застрелаат до март следната година на 3.000, а тоа предизвика дополнителна вознемиреност.
Властите тврдат дека е неопходно да се ограничи популацијата на лисици, која се зголемува поради откажувањето на ловот за време на пандемијата на коронавирусот.
Инаку, Бардо во 1986 година основа Фондација за заштита на животните со седиште во Париз, која брои 40 вработени. Таа се бори и против ловот на фоки, тестирања врз животни и сурови методи на колење.
