Бројот на жртви на „Бонди Бич“ се искачи на 16 – меѓу убиените има и дете

Црниот биланс од вчерашниот терористички напад на светски познатата плажа „Бонди“ во Сиднеј продолжува да расте. Властите потврдија дека бројот на загинати сега достигна 16 лица, што го прави овој настан еден од најкрвавите во историјата на Австралија.

Полицијата на Нов Јужен Велс излезе со нови, вознемирувачки податоци за масакрот што се случи во неделата.

„Полицијата може да потврди дека 16 лица починаа, а 40 лица остануваат на болничко лекување по вчерашното пукање во Бонди“, се наведува во официјалното соопштение.

Убиено е и дете

Особено потресен е податокот дека меѓу жртвите во овој безумен чин на насилство има и дете. Властите најавија дека наскоро ќе споделат повеќе детали за идентитетот на жртвите и текот на истрагата.

Втор најсмртоносен напад во историјата

Ова масовно пукање сега е евидентирано како второ најсмртоносно во австралиската историја. Според бројот на жртви, овој напад е веднаш зад озлогласениот масакр во Порт Артур во 1996 година, кога беа убиени 35 луѓе – настан кој доведе до драстични промени во законите за оружје на континентот.