Специјалниот претставник на РСМ за решавање на спорот со Бугарија, Владо Бучковски денеска оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој смета дека можат да се најдат решенија за надминување на спорот.
„Нешто се случи пред 6 месеци, можеби изборите кај вас, нашите внатрешни проблеми,тука е ковидот кој го промени цел свет. Северна Македонија е суверена држава и сама може да решава на каков јазик сака да зборува. Ние во Бугарија сме решиле да зборуваме бугарски јазик и така зборуваме. Во Северна Македонија може да решите како сакате да зборувате и никој не може да ви наложи и да ви наметне на кој јазик да зборувате. Никој не го барал тоа од вас, особено јас“, рече Борисов.
Изнаоѓањето одржливо и трајно решение за отворените прашања, според бугарскиот премиер, се крие во прагматичен, искрен и добронамерен пристап, изразен преку конкретни активности.
„Отсекогаш верував дека решенијата можат да се најдат на преговарачката маса. Сегашните и идните генерации нема да и’ простат ниту на Бугарија, ниту на Република Северна Македонија доколку не најдеме компромис што ќе даде перспектива“, оценил Борисов на денешната средба со специјалниот пратеник на македонската влада Владо Бучковски во Софија.
Во екот на преговорите за надминување на спорот и враќање на довербата, бугарското собрание вчера и официјално го преименува празникот „24 мај, кој од Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо стана Ден на Светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура и за словенската литература.