Бугарските власти засега не преземаат мерки за утврдување на локацијата на Ива Михајлова, иако од Македонија е испратено барање за нејзино меѓународно пронаоѓање, апсење и екстрадиција. Од Софија се повикуваат на уставните одредби што го ограничуваат предавањето бугарски државјани на други земји, додека македонските институции сè уште ги проверуваат околностите под кои обвинетата ја напуштила државата.
Бугарското Министерство за внатрешни работи потврди дека на 13 октомври, во 19:38 часот, преку Интерпол – Скопје добило известување за меѓународна потрага по Михајлова, која поседува и македонско и бугарско државјанство.
Во барањето се наведува дека против неа се води судска постапка за кривично дело поврзано со нарушување на безбедноста во сообраќајот, а Основниот суд во Кочани на 13 октомври издал наредба за нејзино апсење.
Сепак, бугарската полиција соопшти дека сè уште нема издадена црвена потерница од Интерпол и дека не презела активности за лоцирање на Михајлова на своја територија.
Бугарија се повикува на Уставот
Во официјалното соопштение, бугарското МВР се повикува на член 25, став 4 од Уставот, според кој бугарски државјанин не може да биде предаден на друга држава заради кривично гонење, освен во случаи предвидени со меѓународен договор што е ратификуван и стапен во сила.
Бугарските власти го наведуваат и членот 6 од Европската конвенција за екстрадиција, кој им овозможува на државите да одбијат екстрадиција на сопствени државјани.
Ваквиот став отвора прашања за можноста Михајлова да биде вратена во Македонија и да биде достапна за судскиот процес што се води против неа.
Иако од Софија засега не е соопштена формална одлука за одбивање екстрадиција, повикувањето на уставните ограничувања укажува на сериозни правни пречки за нејзино евентуално предавање.
Македонското Министерство за правда чека известување
Во меѓувреме, македонското Министерство за правда информира дека сè уште нема добиено официјално известување од МВР дека Михајлова е уапсена или лоцирана во друга држава.
Од Министерството посочуваат дека по добивањето таква информација ќе можат да ја започнат формалната постапка за екстрадиција.
Михајлова е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со еден загинат и тројца повредени. Откако се појави во Бугарија, кочанскиот суд ѝ определи 30-дневен притвор, а македонската полиција започна постапка за нејзино меѓународно пронаоѓање.
Надлежните продолжуваат со проверките како таа ја напуштила Македонија, имајќи предвид дека против неа биле определени мерки за претпазливост.
Претходно, МВР соопшти дека во системот за гранична контрола нема регистрирано нејзино излегување од земјата.
Политички реакции и барања за одговорност
Случајот предизвика политички реакции и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.
Од СДСМ побараа политичка одговорност и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оценувајќи дека бегството отвора сериозни прашања за функционирањето на институциите и контролата на државната граница.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа надлежните институции да ги истражат околностите околу медицинската документација на Михајлова, посочувајќи го поранешниот директор на Клиниката за неврологија, Иван Барбов, кој изготвил извештај со препорака за можност за лекување во странство.
Барбов ги отфрли обвинувањата дека помогнал во бегството. Тој изјави дека не знаел за кривичната постапка против Михајлова и дека лекувањето во Бугарија било наведено само како една од можните опции.
Клековски: Нема здравствен случај
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека, според неговата оценка, кај Михајлова нема здравствена состојба што би го оправдала нејзиното заминување на лекување во странство.
Клековски смета дека таа ја напуштила државата пред најавеното доаѓање на бугарски лекарски конзилиум, кој заедно со македонските лекари требало да ги провери медицинските наоди.
Министерот најави и разговори со бугарските здравствени власти во Софија.
Случајот Михајлова останува отворен на повеќе институционални нивоа. Покрај утврдувањето на начинот на кој ја напуштила Македонија, неизвесно е и дали ќе постои правен механизам за нејзино враќање во земјата, со оглед на ставот на бугарските власти и нејзиното двојно државјанство.